Saturday, January 16, 2010

Нашите слики – Меморија



      Една од поубавите балади кои сум ги чула, создадени на нашево емотивно поднебје,
е токму Нашите слики, од легендарната група Меморија.
      Песна со душа и меланхолија, но истовремено градска, улична бајка за една пропадната љубов.
      Групата е создадена во 1984.Во почетокот свиреа техно-поп. Основач на групата е басистот Петар Георгиевски, наречен Камиказа, кој пред оваа група се огледал во разни жанрови, од џез-рокот до панкот. Во првиот состав на Меморија пејач беше Поце Икономов, но откако тој си замина од бендот, на негово место дојде Ристо Самарџиев. Со првиот вокал, песна која ќе ја паметам (уште како мала ме лазеа морници од истата) ја испеаја Оган под ѕвездите, кое е воедно нивно прво деби, и истовремено е прв ЛП албум кој го објави Музичката и касетна продукција на Радио Телевизија Скопје (сегашна МКП МРТ).
        Со Ристо Самарџиев ја продолжија работата на бендот се до 1996, од кога датира и оваа балада, која е и воедно лебедова песна на бендот, потоа тој се распаѓа и сите членови почнуваат со засебни кариери. Дефинитивно, како музичка целина, оваа песна е доживувана од многу луѓе, пред се поради својата длабока емоција што ја носи, а и самата интерпретација на Ристо, со својот препознатлив, лиричен вокал ја пее прекрасно.
         Структурално гледано, доминираат гитарите, на чија мелодија се ослонува и вокалната, иако на моменти ја дораскажуваат приказната онаму каде стиховите престануваат. Првата третина од песната е изградена само со разбранувана гитара и вокал, за подоцна суптилните виолини да ја дополнат емоцијата и го интензивираат чувството на осаменост. Минималистичкиот ритам во втората третина од песната не влегува натрапнички или со некаква најава...едноставно како да бил присутен цело време, меланхолијата си останува иста, но со трошка чувство на копнеж...Наједноставна метафора за структурата на ова парче музика би била можеби една континуирана математичка синусида која те плови низ еден урбан заљубен ден, некаде таму во деведесетите.
        
Текстот навидум изгледа обичен, оти се работи за песна која третира љубовни јадови и нечија загуба, меѓутоа во неа има универзална болка, која секому може да му се случи. Сликите како параван на сеќавањето само ја прават оваа песна уште потажна и истовремено интензивна. Нивната споредба со иконите, значи уште еден сакрален, значаен спомен за изведувачот. Мекиот пристап, лулкавоста, нежната композиција се само дополнително достигнување на посакуваниот ефект. Гитарите, чувството на тага, создаваат слика за песна која може да се пее во парк, во круг на луѓе кои пејат и пијат, сеќавајќи се на своите тажни љубови, оти секој ги има...
Чувството на номадство, отуѓеност, страв од сместување на едно место, како да ќе ги задржат сликите, сеќавањата на она што било, шета низ песната. Она што особено ме погодува во оваа песна е стихот: “ Ко скитник на пат, се плашам да легнам негде да заспијам...” – стравот од сонот, дека ќе ги отвори повторно сликите за убавите времиња кои направиле во душата рана длабока...
Маестрално музичко парче. 

Го слушав во ранлива состојба, да не речам, ме фати неспремна, и си капнав и јас некоја солза, оти да... Без оној кој ни значи, пусто е. На било кој начин. Сликите секако остануваат. И ваквите песни, кои ни ги топлат образите и срцата кога станува студено.


Нашите слики:



И текстот:



Нашите слики - Меморија

Во моите мисли се уште стоиш,
ко осамен островсред океан.
Во моите песни, ќе те има секогаш,
во душата рана длабока.

Твоето име ко сенка ме следи,
и очите твои пред мене се.
Нашите слики како икони ги чувам.
и солзите не ги запирам.

Се уште сум
херој во ноќите долги пијани,
ко скитник на пат
се плашам да легнам негде
да заспијам.

И се уште сам во мугрите знам,
без тебе пусто е...без тебе пусто е.




Aвтори на текстот:
Ана Голејшка
Тања Рибарска

Monday, December 28, 2009

Анушка - Ана Костовска




Нарцисоидно, оваа песна кога ја слушнав првпат, си ја посветив. Не само поради името што е опеано, туку и поради самата интерпретаторка, а и приказната што ми се креираше како слатка последица од текстот.
Ја пее Ана Костовска – актерка, пејачка и асоцијација за кул женска од осумдесетите. Вокал во првиот електро поп бенд -Бастион (со Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ, во соработка со Милчо Манчевски, како текстописец), дел од Бушава Азбука (со Бодан и Влатко) и актерка со особен стил, личност и веродостојна Стиви Никс на македонската поп сцена. Родена е 04.03.1963 година во Скопје. 1985 год. димпломира со највисока оцена на Факултетот за драмски уметности – Скопје, Универзитет „Св Кирил и Методиј“ во класата на Проф. Владимир Милчин. Веднаш по дипломирањето заминува во Загреб, за во 2001 да се врати во Скопје. Паралелно со актерството, соработува на музички план со Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Драгиша Солдатовиќ – Лабиш и други.

           Родена наменски, оваа песна е промовирана на Југовизија, во 1987 година, од тандемот Ромео Грил и Григор Копров. Текстот е слоевит, многузначен, а композицијата плени со својата егзотична, источна суптилност.
На прво слушање делува како весела композиција што треба да се памети. Рефренот е она што отскокнува и кој ветува трајност. Меѓутоа, според мене, најголемото богатство во оваа композиција е маестралното играње со жанровите, односно со примесите на источно азискиот мелос, и минималистички афрички бит во позадина кој треба да не' потсети на филмска сцена од некој француски филм и добро осмислен шлагерски мелос изграден со (претпоставувам за тоа време популарни) електронски бои на инструментите, и секако водечкиот фретлес бас за време на рефренот кој свири по ритамот на босите стапала кои се присутни во самиот текст... 
            Интересна е приказната која е проткаена во текстот и е скокотлива како тема за разгледување. Која е Анушка? Дали Ана, пее за себеси или пак за некоја друга жена, наречена Анушка, идентитет кој е близок до неа? Да ја пееше песнава некој маж пејач, можеби и немаше да биде така интригантен текстот. Но, кога жена и вели на друга жена: Лажи ме и љуби, ајде убиј ме... Неминовно се крие некаква метафора, можна игра со (хомо)сексуалноста, а можеби и поетски разговор со она Друго Јас. Особено ми се допаѓа што играта со името (и на пејачката, и на песната) создава повеќезначни толкувања. Ана е Ана, Анушка, Ана е номад и плачлива љубопитна истражувачка. Во крајни рамки – Ана го воспева женското тело, кое може да се купи, не е уморно, што отвара уште цел еден свет на можни значења... Ана е куртизана и трговец со емоции. Ана е се’ во оваа песна! Деминутивот само создава чувство на ранливост. Ваше е да ја одгатнете мистеријата на оваа прекрасна мелодија што извира од љубопитство. На рабовите на жанрот, со субверзивен текст кој отвора многу можни значења за оние што ќе се задлабочат во него, оваа песна е бисер, токму како оние што Ана ги бара на дланка, пеејќи боса на песните тажни цигански... Совршено парче македонска поп музика кое се одржува во сеќавањата.







Еве го и текстот:

Aнушка - Ана Костовска




Кажи ми те љубам,
лажи ме
заплачи за мене,
опи се.
Бели птици ангели,
девет ѕвезди сребрени
се борат
ајде кажи ми.
Сини утра, јужни ветрови
Бели птици, ѕвезди сребрени...
Анушка за тебе се',
лажи ме и љуби ајде опиј ме
можеш да ме имаш кога други не
знај анушка за тебе се'.
Анушка
верувaj в сни
Земи се' што имам
ајде земи ми
продај ме на исток
ако сакаш ти
потем писма пишувај ми.
Лажи ме без милост вечерва,
купи ме јас не сум уморна
капни ми на дланка сјај,
бисери за мене дај
имам сили
еве гледај ме
играм боса само за тебе,
пеам песни тажни цигански.






И еве ја, уживајте...











Автори на постот:
Ана Голејшка
Тања Рибарска

Tuesday, December 22, 2009

Да си мерак песна-Бисера Велетанлиќ

Многу долго размислував која песна прва да ја претставам од многуте стари добри македонски трајни музички вредности.
Не можев да се одлучам за некој железен концепт па решив да почнам рандом,
и сепак ќе се водам по инстинкот.
Па откако ќе потсетам на поголем дел од истите, ќе направам една попрецизна класификација.

Затоа решив прво претставување и анализирање на некоја според мене вредна песна да биде токму “Да си мерак песна”, испеана од Бисера Велетанлиќ.
*Бисера Велетанлиќ е родена на 15 Септември, 1942 година. Има босанско потекло. Во 70тите години на 20 век важи за едно од најголемите имиња на југословенската шлагерка и џез сцена. На свои доцни шеесети години и ден денешен се уште е активна на музичката сцена со повремени појавувања во музички клубови, а активна е и во актерската кариера во Белград, каде што денес живее.*
Можеби многу ќе ми подзамерат зошто почнувам со пејачка која не е македонка, а третирам македонска музика. Но, се решив на таков чекор затоа што "Да си мерак песна" го носи во себе како емоција сето она што сакам да го постигнам со блогов, и да пренесам вредности кои нема никогаш да умрат. Затоа што сите следни претставувања на песни ќе бидат песни направени со голем, неповторлив и безусловен мерак...
Автори на оваа ултимативна и неповторлива, според мене, тема се Зафир Хаџиманов и Ивица Стамач (за вториов автор не сум сигурна, но според извесни интернет написи и тој е дел од тимот; ако сум грешка поправете ме).
Во целост на песната доминира еден електропоп елемент во ритмичкиот дел, карактеристичен за тогашните славни 80ти. Од друга страна металните клавијатури и меките стрингови ја диктираат емоцијата и хармонијата. Инструменталниот дел на места делува доста минималистички и едноставен, меѓутоа фасцинантно е колку оваа песна носи огромна моќ и покрај целата едноставност. Тајната сепак мислам дека лежи во извонредниот аранжман и правилниот емотивен распоред на секој инструмент и акорд посебно на точно определени места, посебно во почетокот на секоја строфа со акцентиран разложен гитарски акорд. Што се однесува до вокалот, и пренесувањето на приказната во текстот и изведбата на Бисера би сакала да упатам на нејзината суптилност во бојата на гласот, од една страна, и пријатна блага длабочина која го носи жарот, од друга страна. Убедена сум дека не доаѓа од ниту едно друго место таа посветеност освен од душата, затоа што пее песна за самата песна.




Еве го и текстот:

Да си мерак песна - Бисера Велетанлиќ

Да си извор вода
да те разлеам
да си славеј пиле
да те натпеам.

Да си мерак песна
да те извикнам
да си зумбул цвеќе
да те изникнам

Да си алтан сонце
да те изгреам
да си азган ветер
да те развеам

Да си чемер отров
да те испијам
да си срце в гради
да те успијам.

Една ноќ...
една ноќ ме зема
а сега те нема.
Како лист ме скина
животот ми мина.

Да си мерак песна
да те испеам.

Thursday, December 17, 2009

Воведна...

Во последните неколку недели наидувам на се повеќе текстови во пишаните медиуми, а богами и во електронските, како тоа се создаваат нови продукции, нови планови за издигнување на квалитетот на македонската музика. Авторите биле во креативна блокада, секој втор денес може да е композитор и да компонира музика, па мора сега да ја спасиме македонската музика. Сето тоа е во ред, ќе видиме до каде ќе стигнат со плановите. Мене ме интересира еден друг феномен, кој сакам да го споделам со вас, а мислам дека ќе наиде на големо разбирање од огромен број.
Голем број од луѓето што ги познавам не слушаат денешна македонска популарна музика, освен ако не се приморани (во такси, во супермаркет итн.). Сите некако се навраќаат на старите добри квалитетни музички парчиња....


...и така сите ние сложно талкаме и талкаме по добро парче музика.


Тргнувајќи од се' поголемата креативна апатија на македонската музичка сцена и од начинот на политизирање на таканаречените менаџери, ми се згрози од фактот дека треба да се претвориш во детектив за да дојдеш до добра музика, без разлика дали на телевизија или радио (чест на два-три исклучоци)...
Од копнеж по старите добри и квалитетни парчиња, решив да го отворам блогов, и да соберам на едно место, се' што има трајна вредност во македонската музичка вреќа, со надеж дека следните сладокусци на квалитетна македонска музика ќе можат полесно да дојдат до квалитетот.
Морам да укажам огромна благодарност до Игор Михајловски, за неуморниот напор да ја собере колекцијата што ја поседува, кое според неговата последна анализа (од 9 октомври 2009) на сопствениот youtube канал, гледаноста стигна до 500 000 посети. Еве што вели неговата статистика:

Најпопуларна песна е:
1. КАКО ВАРДАР - Зафир Хаџиманов , над 52.000 посети
2. Чаирска романтика - Владо Јаневски, над 37.000 посети

3. Признавам - Маријана и Росана , над 36.000 посети
4. Кога те нема - Хелена Благне , над 27.000 посети
5. 223-304 - Драган Мијалковски, над 20.000 посети
6. Ѕвона ѕвонат - Љупка Димитровска, над 18.000 посети
7. Една роза - Зоран Милосавлевиќ, над 14.000 посети

8. Ти си тој - Лидија Кочовска, над 14.000 посети

9. Нашите слики - Меморија, над 13.000 посети

10. Валерија - Драган Каранфиловски - Бојс, над 13.000 посети

Од десет најпопуларни песни, дури шест се песни од Макфест, кој оваа година едвај преживеа.
(за целиот текст кликнете тука)
...епа така, треба да се размисли на што ќе аплаудираме!