Saturday, January 16, 2010

Нашите слики – Меморија



      Една од поубавите балади кои сум ги чула, создадени на нашево емотивно поднебје,
е токму Нашите слики, од легендарната група Меморија.
      Песна со душа и меланхолија, но истовремено градска, улична бајка за една пропадната љубов.
      Групата е создадена во 1984.Во почетокот свиреа техно-поп. Основач на групата е басистот Петар Георгиевски, наречен Камиказа, кој пред оваа група се огледал во разни жанрови, од џез-рокот до панкот. Во првиот состав на Меморија пејач беше Поце Икономов, но откако тој си замина од бендот, на негово место дојде Ристо Самарџиев. Со првиот вокал, песна која ќе ја паметам (уште како мала ме лазеа морници од истата) ја испеаја Оган под ѕвездите, кое е воедно нивно прво деби, и истовремено е прв ЛП албум кој го објави Музичката и касетна продукција на Радио Телевизија Скопје (сегашна МКП МРТ).
        Со Ристо Самарџиев ја продолжија работата на бендот се до 1996, од кога датира и оваа балада, која е и воедно лебедова песна на бендот, потоа тој се распаѓа и сите членови почнуваат со засебни кариери. Дефинитивно, како музичка целина, оваа песна е доживувана од многу луѓе, пред се поради својата длабока емоција што ја носи, а и самата интерпретација на Ристо, со својот препознатлив, лиричен вокал ја пее прекрасно.
         Структурално гледано, доминираат гитарите, на чија мелодија се ослонува и вокалната, иако на моменти ја дораскажуваат приказната онаму каде стиховите престануваат. Првата третина од песната е изградена само со разбранувана гитара и вокал, за подоцна суптилните виолини да ја дополнат емоцијата и го интензивираат чувството на осаменост. Минималистичкиот ритам во втората третина од песната не влегува натрапнички или со некаква најава...едноставно како да бил присутен цело време, меланхолијата си останува иста, но со трошка чувство на копнеж...Наједноставна метафора за структурата на ова парче музика би била можеби една континуирана математичка синусида која те плови низ еден урбан заљубен ден, некаде таму во деведесетите.
        
Текстот навидум изгледа обичен, оти се работи за песна која третира љубовни јадови и нечија загуба, меѓутоа во неа има универзална болка, која секому може да му се случи. Сликите како параван на сеќавањето само ја прават оваа песна уште потажна и истовремено интензивна. Нивната споредба со иконите, значи уште еден сакрален, значаен спомен за изведувачот. Мекиот пристап, лулкавоста, нежната композиција се само дополнително достигнување на посакуваниот ефект. Гитарите, чувството на тага, создаваат слика за песна која може да се пее во парк, во круг на луѓе кои пејат и пијат, сеќавајќи се на своите тажни љубови, оти секој ги има...
Чувството на номадство, отуѓеност, страв од сместување на едно место, како да ќе ги задржат сликите, сеќавањата на она што било, шета низ песната. Она што особено ме погодува во оваа песна е стихот: “ Ко скитник на пат, се плашам да легнам негде да заспијам...” – стравот од сонот, дека ќе ги отвори повторно сликите за убавите времиња кои направиле во душата рана длабока...
Маестрално музичко парче. 

Го слушав во ранлива состојба, да не речам, ме фати неспремна, и си капнав и јас некоја солза, оти да... Без оној кој ни значи, пусто е. На било кој начин. Сликите секако остануваат. И ваквите песни, кои ни ги топлат образите и срцата кога станува студено.


Нашите слики:



И текстот:



Нашите слики - Меморија

Во моите мисли се уште стоиш,
ко осамен островсред океан.
Во моите песни, ќе те има секогаш,
во душата рана длабока.

Твоето име ко сенка ме следи,
и очите твои пред мене се.
Нашите слики како икони ги чувам.
и солзите не ги запирам.

Се уште сум
херој во ноќите долги пијани,
ко скитник на пат
се плашам да легнам негде
да заспијам.

И се уште сам во мугрите знам,
без тебе пусто е...без тебе пусто е.




Aвтори на текстот:
Ана Голејшка
Тања Рибарска